Израел соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафах со Египет / Photo: AA

Хуманитарната канцеларија на Обединетите нации (ОН) денес објави дека се затворени и премините Рафах и Керем Шалом, што го спречи влегувањето на многу потребната хуманитарна помош во Појасот Газа.

„Двете главни артерии за испорака на помош во Газа се прекинати“, изјави во Женева Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (OCHA).

Израелската Армија рано утринава соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафах со Египет.

По најавата на палестинската група Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, израелскиот воен кабинет одлучи да ја продолжи операцијата во Рафах со цел, како што наведе, „воен притисок врз Хамас за да го унапреди ослободувањето на заложниците и други воени цели“.

Израелската Армија издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби на Рафах и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.

Рафа е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои избегаа од војната што ја започна Израел по нападот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.

Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 34.700 Палестинци, главно жени и деца, и е предизвикана огромна хуманитарна катастрофа.

Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.

AA
Популарни