Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН) Фолкер Турк денес ја осуди најновата серија израелски напади врз Газа, во кои загинаа претежно жени и деца.
Најмалку 24 Палестинци, меѓу кои 16 деца и шест жени, загинаа во неделата во израелското бомбардирање на неколку домови источно од Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.
Портпаролката на Турк, Равина Шамдасани, на брифингот на ОН во Женева изјави дека тој е ужаснат од уништувањето и откривањето на масовните гробници.
Најмалку 283 тела досега се пронајдени во масовна гробница во медицинскиот комплекс Насер, откако израелската Армија се повлече од градот на 7 април по четиримесечна копнена офанзива.
„ОН повикуваат на независни, ефективни и транспарентни истраги за смртните случаи“, рече Шамдасани.
Во врска со извештаите дека Израел ќе ги прошири таканаречените „хуманитарни зони“ во Газа пред копнениот напад во Рафах, таа нагласи: „Нема безбедни места во Газа и секое преправање за создавање безбедни зони е всушност опасно“.
„Она што ни треба е моментален прекин на огнот“, повтори таа.
Бројот на загинати во нападите извршени од Израел врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година достигна 34.183.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за гарантирање дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.