Осама Најеф Осама Мармаш, еден од 39-те Палестинци кои ги ослободи Израел како дел од договорот за размена за време на четиридневната хуманитарна пауза во борбите со Хамас, зборуваше за страдањата на Палестинците во израелските затвори.
Шеснаесетгодишното момче со потекло од Наблус, место во северниот окупиран Западен Брег, рече дека бил приведен пред пет месеци.
„Палестинските затвореници во израелските затвори дознаа за договорот за размена во петокот, по ослободувањето на голем број луѓе“, рече Мармаш во изјава за Анадолу.
„Се разбудив утрото, го измив лицето и го прочитав Куранот пред израелските војници да почнат да талкаат низ ќелиите на затворениците за да ги читаат имињата на ослободените. Моето име беше меѓу нив“, рече тој.
„Од осум часот наутро чекавме на студот се додека не дојде Црвениот крст и нѐ однесе од затворот Офер. Секоја недела војниците од израелската војска доаѓаа да не тепаат и ни ја земаа сета облека, покривките за креветот и душеците“.
Тој рече дека израелската армија на секој затвореник му давала по една тенка покривка за креветот.
Мармаш го покажа транспарентот на бригадите Ал Касам, вооруженото крило на палестинската група Хамас, што го носеше околу вратот поради големиот студ.
Тој додаде дека израелската војска еднаш ги полеала затворениците со вода и покрај студеното време. Мармаш посочи и дека им давале и малку храна.
„Ни даваа по две вреќи леб дневно, а бевме осуммина“, рече тој.
Тој ги пофали бригадите Ал Касам, велејќи: „Алах да ги смилува мачениците и да ги исцели ранетите“.
Четиридневната хуманитарна пауза со посредство на Катар, Египет и САД стапи на сила во петокот, привремено запирајќи ги нападите на Израел врз Газа.
Израел започна масовни воени бомбардирања во Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Според палестинските здравствени власти во опколената енклава, оттогаш убиени се најмалку 14.854 Палестинци, вклучувајќи 6.150 деца и повеќе од 4.000 жени,
Во меѓувреме, официјалниот израелски биланс на загинати изнесува 1.200.