Тимовите со помош на цивили доброволци подготвиле100-120 тела за погреб, додека друг тим ископал масовна гробница / Photo: AA

Министерството за здравство во Газа соопшти дека го известиле Црвениот крст дека почнале да копаат масовна гробница во болницата Ал Шифа, откако пропаднале напорите за транспорт на телата.

Портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кудра, рече дека напорите за транспорт на телата од болницата биле неуспешни.

„Поради тие причини, медицинските тимови и управата на болницата одлучија да ископаат масовна гробница за да ги закопаат телата во дворот. Ова го пријавивме во Црвениот крст и започна работата на копањето на масовните гробници“, објасни Ал-Кудра. Тој изјави дека тимовите со помош на цивили доброволци, се обиделе да подготват 100-120 тела за погреб, додека друг тим ископал масовна гробница.

Ал-Кудра рече дека погребот може да трае неколку часа.

Тој истакна дека во болницата во моментов се наоѓаат 650 пациенти и повредени, од 500 до 600 лица од медицинскиот персонал и од 5.000 до 7.000 бегалци.

Ал-Кудра рече дека условите за живот во болницата се влошени и дека поради недостигот на електрична енергија и гориво потребни за работа на генераторот, водата рачно се вади од бунарите во болничкиот кампус на ограничен начин.

Тој нагласи дека немаат залихи со храна и ги повика за помош меѓународната заедница и организациите за човекови права да работат на отстранување на блокадата и набавка на гориво.

Палестинскиот портпарол ги негираше тврдењата на израелската војска дека ја контактирала болницата Шифа во врска со предвремено родените бебиња.

„Не сме контактирани за предвремено родените бебиња. Во болницата Шифа има 36 предвремено родени бебиња“, рече Ал-Кудра.

Нагласувајќи дека состојбата во болницата Шифа е критична и дека престојот на бебињата тука им го загрозува животот, тој изјави дека се подготвени да ги евакуираат бебињата од болницата на друго место.

Во писменото соопштение на израелската Армија се наведува дека Армијата му понудила хуманитарна помош на директорот на болницата Шифа и дека се обидуваат да испратат инкубатор од израелска болница во болница во Газа.

Соопштено е дека се подготвени да работат со сигурен посредник по ова прашање.

Директорот на болницата Шифа, Мухамед Абу Силмије, денеска објави дека 20 лица, меѓу кои шест предвремено родени бебиња, починале поради прекините на струја во болницата Шифа во Газа, која беше опколена од израелските војници.

Израелската Армија често напаѓа болници во Појасот Газа.

AA
Популарни