Газа е составен дел на палестинската држава, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Абас се состана со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во претседателското седиште во РамалахИ, каде што разговараа за најновите случувања во Појасот Газа и напорите за итно запирање на војната, објави палестинската државна новинска агенција ВАФА.
„Претседателот го повтори цврстото отфрлање на државата Палестина за раселувањето на секој палестински граѓанин, без разлика дали е во Појасот Газа или на Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим (Источен Кудс), нагласувајќи дека Газа е составен дел на палестинската држава и какви било планови на (израелските) окупациските власти да го одделат Појасот Газа од остатокот на палестинската територија и да заземат и еден сантиметар од нејзината територија или повторно да ја окупираат е неприфатливо“, се порачува во соопштението.
Осврнувајќи се на усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа, Абас ја нагласи важноста на неговото спроведување.
Советот за безбедност на ОН вчера усвои резолуција со која се бара прекин на огнот во Газа за време на светиот муслимански месец Рамазан, кој започна на 11 март и треба да заврши на 9 април.
Четиринаесет земји членки на Советот гласаа за резолуцијата претставена од 10 избрани членки на телото, а САД беа воздржани.
Палестинскиот претседател ја повика меѓународната заедница да ги координира напорите за доставување хуманитарна и медицинска помош до Газа преку сите премини за да се стави крај на гладот на Палестинците како резултат на тековната „дивјачка агресија“, јави ВАФА.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас.
Најмалку 32.226 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од октомври, според Министерството за здравство во Газа.
Според Обединетите нации, војната принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а поголем дел од инфраструктурата на енклавата е оштетен или уништен.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.