Откако Владата на Словенија вчера предложи признавање на државата Палестина, на зградата на институцијата истакнато е палестинското знаме покрај знамето на Словенија и на Европската Унија.
Владата на Словенија на вчерашната седница донесе одлука да му предложи на Државниот збор (Народното собрание) признавање на Палестина како суверена и независна држава, по што симболично беше истакнато палестинското знаме.
Премиерот Роберт Голоб по седницата на Владата изјави дека донеле одлука за признавање на Палестина како независна и суверена држава во границите предвидени со Резолуцијата на Обединетите нации од 1967 година или во границите за кои инволвираните страни би се сложиле во идниот мировен договор.
„Оваа одлука има една порака. Порака до двете страни дека сакаме итен прекин на непријателствата и дека сакаме итно ослободување на заложниците. Ова признавање не е насочено против никого, дури ни против државата Израел. Ова е порака за мир. Веруваме дека денес е моментот кога сите ние, целиот свет, мора да дејствуваме само во една насока, во насока која носи траен мир на Блискиот Исток, во насока на дводржавно решение“, рече Голоб и додаде:
„Очекувам дека во наредните месеци западните земји ќе го признаат правото на палестинската нација на постоење, а арапските земји ќе го признаат правото на Израел. Единствениот пат до мирот е признавањето на двете земји. Се надевам дека акцијата од страна на словенечката Влада ќе биде пример за сите“.
Се очекува пратениците на Собранието да одлучуваат за предлогот на словенечката Влада за признавање на Палестина на вонредна седница во вторник следната недела.
Владата на Словенија на 9 мај веќе покрена процедура за признавање на државата Палестина. Тогаш најави дека одлуката ќе ја испрати до Собранието најдоцна до 13 јуни.
Во вторникот Палестина ја признаа Шпанија, Ирска и Норвешка. Со тоа тие се приклучија на групата од 140 земји кои ја признаа палестинската држава, што предизвика лутина кај Израел.