Премиерот не беше избран од редовите на Новиот народен фронт, кој освои најмногу гласови, што значи дека изборите се украдени, рече Меланшон / Photo: Reuters

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го назначи поранешниот еврокомесар Мишел Барние за нов премиер, а лидерите на екстремно левичарските и екстремно десничарските партии изјавија дека нема да ја поддржат новата влада.

Лидерот на француската левичарска партија „Непокорена Франција“, Жан-Лук Меланшон, рече дека на народот во неговата земја „изборите им ги украле“ и повика на најголема можна мобилизација и протести на 7 септември против изборот на Барние како премиер, пренесуваат француските медиуми.

Партијата на Меланшон е дел од левичарската коалиција “Нов народен фронт“, која освои најмногу гласови на изборите.

„Претседателот штотуку одлучи официјално да ги демантира резултатите од парламентарните избори што тој самиот ги распиша. Премиерот не беше избран од редовите на Новиот народен фронт, кој освои најмногу електорски гласови, што значи дека изборите се украдени од Французите“, рече Меланшон.

Во исто време, лидерката на партијата „Национален Собир“, Марин Ле Пен, најави дека нејзината партија нема да биде дел од новата влада на Барние.

Таа додаде дека ќе почекаат да видат каква ќе биде генералната политика на Барние во однос на компромисите кои ќе бидат неопходни кога станува збор за буџетот.

Новоименуваниот премиер Барние, историскиот „тенор“ на десницата, има долгогодишно политичко искуство: четири пати беше министер и два пати еврокомесар, а најпознат е како поранешен преговарач на ЕУ за Брегзит.

Макрон побара од Барние „да формира влада на национално единство во служба на земјата“, а пред именувањето се погрижи Барние целосно да ги исполни условите за стабилност и национално единство.


TRT Balkan / агенции
Популарни