Секоја година, муслиманите ширум светот го одбележуваат месецот на постот - Рамазан, деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар. Така е повеќе од 14 векови.
Постат повеќе од милијарда луѓе во светот
Постот за Рамазан е еден од петте столбови на исламот. Во текот на овој месец повеќе од милијарда луѓе на планетата Земја во исто време доброволно се откажуваат од храна и пиење и практикуваат други религиски обврски и обичаи.
Пост од изгрејсонце до зајдисонце
Во текот на овие 30 дена муслиманите постат од изгрејсонце до зајдисонце. Постот во текот на Рамазан им се пропишува на сите возрасни муслимани кои се доволно здрави да постат цел ден.
Пред изгрејсонце, постачите стануваат на оброк наречен сахур за да јадат, а постот го прекинуваат на зајдисонце. Тој оброк се нарекува ифтар.
Овој месец се нарекува и месец на милоста, затоа се охрабрува правење добри дела, молитви, а повеќе време се посветува и на читањето на светата муслиманска книга Куранот, која започнала да се објавува токму во овој месец.
Лекција за моралот и солидарноста
Постот е тест и тренинг на човечката свест и волја, самопочитувањето и моралниот дигнитет. Постот е исто така лекција за самоодрекување, која кај оние што постат го буди чувството за сочувство кон сиромашните и послабите.
Покрај различните духовни користи на постот, поновите истражувања ги покажуваат и неговите позитивни ефекти врз психо-физичкото здравје.
Што значи зборот „Рамазан“ ?
Зборот „Рамазан“ е изведен од арапскиот збор „рамз“ што значи „многу топло“ или “жешко“. Се верува дека овој месец е наречен така поради неколку работи, прво поради тоа што оној што пости станува топол поради жедтта. Во текот на овој месец горат трагите од гревовите, односно верникот се прочистува од гревовите. Исто така, побожноста во овој месец создава посебна топлина во контекст на љубовта кон религијата и луѓето.
Кога настапува Рамазан календарски?
Според муслиманскиот лунарен календар, Рамазан не е секоја година во ист период. Лунарниот календар има 354 дена, 11 дена помалку од соларниот календар (сончевата година) и токму поради тоа месецот рамазан, како и другите месеци, за период од 33 години минува низ сите годишни периоди.
Во зависност од географската положба и оддалеченоста од екваторот може да трае од 11 до 20 часа. Муслиманите на југот на планетата дневно постат 11 часа во просек, додека оние на северот, постат 18 часа или подолго.
Во текот на месецот Рамазан луѓето поинтензивно се дружат, а мислите им се порастеретени и се повеќе посветени на духовното отколку на материјалното. Затоа, и не случајно месецот Рамазан го носи епитетот „најдрагиот гостин во годината“.