Петмина Палестинци се повредени во нападите на еврејските доселеници во различни делови на окупираниот Западен Брег, објавија медиумите.
Група еврејски доселеници од населбата Карнеи Шомрон, под заштита на израелските сили, со камења ги нападнаа жителите на областа Куфр Селис, јужно од Калкилија, јавува палестинската новинска агенција ВАФА.
Во нападот се повредени четворица Палестинци, а зградата е опожарена.
Во соопштението на палестинското Министерство за здравство се наведува дека двајца од четворицата повредени Палестинци во нападот имале скршеници на лицето, а нивната здравствена состојба сѐ уште е сериозна. Ранетите се пренесени во државната болница во Калкилија.
За време на судирите меѓу еврејските доселеници, израелските војници и Палестинците во градот Кобар, северно од Рамала, еден Палестинец бил полесно повреден откако го погодиле со камен во лицето, според очевидците.
Тензиите се зголемија на Западниот Брег од почетокот на годината поради рациите на израелските сили и нападите на еврејските доселеници.
Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, 218 палестински домаќинства во Источен Кудс (Ерусалим) се соочуваат со закана од иселување.
Израел го окупираше целиот Западен Брег, вклучително и Источен Кудс, по војната во 1967 година.
Палестинците го сакаат Западниот Брег, заедно со Појасот Газа, за формирање идна палестинска држава.
Според меѓународното право, и Западниот Брег и Источен Кудс се сметаат за окупирани територии и сите израелски активности за градење населби се нелегални.