САД не се согласиле на нацрт-резолуцијата за која официјално требало да се гласа во текот на денот / Photo: AA

Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) вчера по вторпат го одложи гласањето за нацрт-резолуцијата со која се повикува на запирање на непријателствата во Газа со цел испорака на помош во Газа.

Според информациите до кои дојде Агенција Анадолу од извор на ОН, САД не се согласиле на нацрт-резолуцијата за која официјално требало да се гласа нешто подоцна, во текот на денот.

Членките на Советот за безбедност ќе гласаат за нацрт-резолуцијата денес (среда).

Во текстот што го приложија Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се повикува на хуманитарен прекин на непријателствата во Појасот Газа за да се овозможи безбеден и непречен хуманитарен пристап, како и итни чекори кон одржлив прекин на непријателствата.

Потврдувајќи дека сите страни во судирот мораат да се придржуваат до обврската кон меѓународното право, во нацрт-резолуцијата се бара и итно распоредување на механизам за мониторинг на ОН.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

На 24 ноември стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.

На 1 декември, по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени над 19.667 Палестинци, а ранети се повеќе од 52.586 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Во заробеништво сѐ уште се наоѓаат 130 Израелци. Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

AA
Популарни