Макрон го изгуби апсолутното мнозинство     Фото: Reuters

Макрон со изгубено апсолутно мнозинство во Парламентот на Франција ќе има тешка задача да ја реализира агендата со која пред само два месеца победи по втор пат на претседателските избори. Тој ќе мора да бара стабилни коалициски партнери од останатите парламентарни групи.

Првичните резултати, иако не се конечни и можни се мали поместувања, сепак укажуваат на фактот дека Макрон за законодавната агенда ќе мора да бара компромиси и одобрување од останатите партии, како од левицата, така и од десницата.

Центристичката коалиција „Заедно“ на Макрон на парламентарните избори во Франција според последните излезни анкети на Министерство за внатрешни работи, освои само 245 од 577 пратеници и е далеку под прагот од 289 пратеници колку што е потребно за апсолутно мнозинство.

Неповолен за Макрон е исто така резултатот на главната левичарска опција. Коалицијата „Нов народен еколошки и социјален сојуз“ (НУПЕС) предводена од социјалистот Жан-Лук Меланшон освои 131 мандат и е втора парламентарна сила во новиот распоред.

Најголем подем на изборите забележа десничарската популистичка опција на Мари ле Пен која освои 89 пратеници или за десет пати повеќе од претходниот парламентарен состав.

Сепак, од овие блокови најверојатно нема да пристигне поддршка за агендата на Макрон бидејќи, и двете опции ќе делуваат опозициски, посочувајќи по изборите дека „макронизмот бил поразен“.

„Оваа ситуација претставува ризик за нашата земја, со оглед на предизвиците со кои треба да се соочиме“, рече премиерката Елизабет Борн, ветувајќи: „Од утре ќе работиме за да изградиме работно мнозинство“.

Францускиот претседател ќе полага надежи за коалиција со центар-десно опцијата на „Републиканците“ кои освоија 61 пратеник и се четврта политичка сила во овој момент. Дел од нивните ставови може да се доближат до политиките на Макрон.

TRT Balkan / агенции
Популарни