Веб сајтот за политички вести Политико ги демантираше наводите на претседателот Доналд Трамп дека добил милиони долари владино финансирање, нарекувајќи го тврдењето „целосно лажно“.
Во изјавата во четвртокот, извршниот директор на Политико Голи Шејхолеслами и главниот уредник Џон Ф. Харис рекоа дека медиумот никогаш не добил никакво владино финансирање.
Во изјавата Политико не го спомнува Трамп, туку како причина наведува дискусии на платформата Х околу нивното финансирање.
„Политико е компанија во приватна сопственост. Никогаш не сме добиле никакво владино финансирање - ниту субвенции, ниту грантови, ниту донации. Ниту една пара за 18 години. Милиони луѓе ширум светот го читаат нашето новинарство на politico.com, politico.eu и во билтени. Поддржан е со рекламирање и спонзорства.
Одговорот следи по објавата на Трамп на неговата платформа Truth Social каде што тој тврди дека биле украдени милијарди долари од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), а дел од нив наводно отишле во медиумите како „исплата“ за поволното покривање на демократите.
Трамп конкретно го именуваше Политико, сугерирајќи дека добила 8 милиони долари.
Од медиумот објаснуваат дека станува збор за нешто друго, а не за финансирање.
Политико рече дека неговата претплата услуга, Политико Про, ја користат приватни компании и владини агенции кои плаќаат за пристап до алатките за следење политики и законодавство.
„Ова не е финансирање. Тоа е трансакција“, се вели во соопштението.
Тврдењето на Трамп доби на сила откако шефот на Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), милијардерот Илон Маск, сподели објава на X во која се тврди дека Политико добивал исплати преку УСАИД.
Белата куќа подоцна соопшти дека ги откажува таквите трансакции.