Генералниот конзулат на Полска во Санкт Петербург е затворен откако Русија ја повлече согласноста за работата на полското претставништво, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Полска.
„Денеска во присуство на полскиот амбасадор во Русија Кшиштоф Крајевски се одржа затворањето на конзуларното претставништво на Република Полска во Санкт Петербург“, соопштија од Генералниот конзулат на Република Полска во Санкт Петербург.
Во соопштението за медиумите, тие изразуваат благодарност до „сите полски дипломати за кои ова беше долгогодишно место на мисија во многу „тешки услови“ во последните три години.
Амбасадорот Крајевски изрази надеж дека полското конзуларно претставништво ќе се врати во Санкт Петербург во „подобри времиња“.
Министерството за надворешни работи потсети дека полските претставништва во Москва, Калининград и Иркутск сѐ уште работат во Русија.
Претходно, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски објави дека одлучил да затвори еден од трите руски конзулати во Полска, како одговор на „актите на саботажа од страна на Москва“.
На крајот на октомври минатата година, Министерството за надворешни работи го повлече одобрението за работа на претставништвото во Познан поради, како што се наведува, руската агресија врз Украина и хибридните дејствија на Кремљ кон земјите на ЕУ.
Сикорски потоа рече дека министерството има информации дека Русија стои зад обидите за саботажа во Полска и сојузничките земји.
Во соопштението објавено пред еден месец, руското Министерство за надворешни работи наведе дека „во согласност со принципот на реципроцитет, тројца членови на дипломатскиот персонал на Генералниот конзулат на Република Полска во Санкт Петербург се прогласени за „непожелни лица“ и мора да ја напуштат руската територија“ до 10 јануари.
Руското Министерство ги обвини полските власти дека водат „отворено непријателска политика кон Русија.
Москва најави дека ќе одговори со „жестока одмазда“ на сите непријателски чекори на Варшава.
Сикорски истакна дека Русија нема право да реагира на овој начин, бидејќи одлуката на Полска да го затвори конзулатот во Познан е реакција на руската саботажа во Полска.
„Ние не подметнуваме пожари или саботажи во Русија. Сепак, сите знаат каква е Русија, така што ова не е неочекувана акција“, заклучи шефот на полската дипломатија.