Поради штрајк во Германија откажани стотици летови / Photo: AA

Стотици летови беа откажани денес на три германски аеродроми, откако персоналот за безбедност започна 48-часовен штрајк поради тековниот спор за платите и условите за работа.

Штрајкот го принуди аеродромот во Хамбург да откаже над 300 полетувања закажани за денес и утре, што влијаеше на околу 40.000 патници.

„Исто така при пристигнувањето треба да се очекуваат и откажувања и одложувања на летовите“, изјави аеродромскиот оператор и ги замоли патниците да се јават во нивната авиокомпанија за откажување или пререзервација.

Аеродромот „Келн/Бон“ објави дека денеска се откажани повеќе од 120 летови, и дека повеќето од 225 летови планирани за утре (петок) ќе мора да бидат откажани.

На патниците им беше препорачано да го проверат моменталниот статус на нивниот лет со нивната авиокомпанија или тур-оператор пред да отпатуваат на аеродромот.

Штрајкот исто така приземји десетици летови на аеродромот во Дизелдорф и предизвика подолго време на чекање на безбедносните контролни пунктови во утринските часови.

Синдикатот „ver.di“ најави дека утре на штрајкот ќе се приклучат и безбедносните службеници кои работат на аеродромот во Штутгарт.

Синдикатот, кој претставува илјадници работници од секторот за воздухопловна безбедност, бара зголемување на платата за прекувремена работа и доплати за работа за време на викендите, државните празници и ноќните смени.

Последната рунда преговори меѓу синдикатот и Федералната асоцијација на компании за воздухопловна безбедност (БДЛС) заврши без договор минатата недела.

Се очекува новата рунда преговори да се одржи на 27 и 28 април.

TRT Balkan / агенции
Популарни