Португалија со поддршка за Палестина на Генералното собрание на ОН / Фото: Reuters

Новиот премиер на Португалија, Луис Монтенегро, најави дека Португалија на Генералното собрание ќе ги поддржи напорите на Палестина да стане полноправна членка на Обединетите нации (ОН).

Португалскиот конзервативен лидер Монтенегро изјави дека верува во решение со две држави на Блискиот Исток, но дека признавањето на Палестина треба да се направи во мултилатерална средина.

На заедничката прес-конференција со шпанскиот премиер Педро Санчез, Монтенегро рече дека Португалија нема да оди толку далеку во своите најави како Шпанија во однос на претстојното билатерално признавање на палестинската држава.

Шпанскиот премиер Санчез е на турнеја во обид да убеди повеќе земји од Европската Унија да ја признаат Палестина.

„За Шпанија е кохерентно дека ако ја браниме Палестина како полноправна членка на ОН, треба да ја признаеме и билатерално“, рече Санчез.

Санчез се надева дека Палестина наскоро ќе биде признаена, а се чини дека во тоа ги убедил Норвешка и Ирска.

Наредните денови тој ќе се сретне и со лидерите на Словенија и Белгија, пред да го претстави својот план пред целата Европска Унија на специјален состанок на Европскиот совет во Брисел кон крајот на оваа недела.

На заедничката прес-конференција во понеделникот Санчез рече дека иранскиот напад врз Израел само ја потврдил посветеноста на Шпанија да продолжи со овој политички потег.

„Никој не сака регионална ескалација бидејќи знаеме дека никој нема да победи и сите ќе загубиме“, рече тој.

Португалскиот лидер додаде дека неговиот став не се разликува многу од шпанскиот и повика на прекин на огнот и апелираше до Израел да обезбеди доволно хуманитарна помош за Газа.

AA
Популарни