Пожарите сѐ уште беснеат во Грција и тоа доведе до нови евакуации.
Последната евакуација е наредена на јужниот дел на островот Родос откако 19.000 луѓе, главно, туристи, беа пренесени со автобуси и бродови во текот на викендот поради пожарот што се прошири од блиските планини на неколку крајбрежни области.
Помошта за Грција доаѓа од Европската Унија и од други земји.
„Ризикот од пожар ќе биде екстремен денес во неколку области на Грција“, изјави портпаролот на Противпожарната служба, Василис Ватракојани, еден ден откако температурите во јужниот дел на земјата се искачија до 45 Целзиусови степени.
Евакуација беше наредена и во текот на ноќта на островот Крф, каде што повеќе од 2.000 луѓе, вклучително и туристи, беа однесени на безбедно на островот Евија и во планинска област во јужниот дел на Пелопонез.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, контактираше со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис синоќа за да понуди дополнителна помош.
„Го повикав Мицотакис за да ја изразиме нашата целосна поддршка за Грција, која се соочува со разорни шумски пожари и голем топлотен бран поради климатските промени“, напиша Фон дер Лејен на социјалните мрежи.
Војската, исто така, помогна да се воспостави привремено сместување на Родос, каде што беа отворени училиштата и спортските објекти за сместување на граѓаните и туристите.
Високи температури до 38 степени се предвидуваат и во наредните денови.
Сепак, во четврток треба да биде значително посвежо, со температури до 30 Целзиусови степени, соопшти синоќа Метеоролошката служба на Грција.
Денес грчките власти одлучија поради високите температури да ги затворат сите историски места во Атина, вклучително и светски познатиот Акропол.
Затворањето ќе се спроведува секојдневно во период од 12:00 до 17:30 часот по локално време.