Пожарите што ја зафатија југозападната француска префектура Жиронд продолжуваат да се шират веќе шести ден. Уништени се повеќе од 14.000 хектари, претежно борова шума.
Чарлс Лафуркад, задолжен за гаснење пожар во Ландирас, изјави дека ситуацијата е „многу неповолна“ поради силниот ветер и топлотниот бран.
Во понеделникот поради екстремни горештини беше издаден црвен метео аларм за областа Жиронд. Максималните температури на воздухот денеска во одредени делови се очекува да достигнат до 44 степени целзиусови .
Локалната спасувачка служба соопшти дека пожарникарите се уште се борат да го локализираат пламенот, кој е висок и до 100 метри. Предупредуваат дека ситуацијата најверојатно ќе трае уште неколку дена.
Уште 3.500 луѓе ќе бидат евакуирани од општините Будос, Балзак и Ландирас. Речиси 20.000 луѓе веќе се евакуирани од минатиот вторник.
Вкупно 1.700 пожарникари се распоредени на местото на пожарот со поддршка од девет авиони „канадер“, се наведува во соопштението на префектурата Жиронд.
Француската премиерка Елизабет Борн потврди дека пожарот настанал од искра од електрично возило.