Премиерката на Шведска ќе поднесе оставка по поразот на изборите          Фото: Ројтерс

Премиерката Магдалена Андерсон вчера го призна поразот на изборите во Шведска кои се одржаа на 11 септември и најави дека денеска ќе си поднесе оставка, отворајќи го патот за опозицискиот блок од четири десничарски партии да формира нова влада.

Андерсон рече дека десничарскиот блок, кој ја вклучува екстремно десничарската антиимиграциска партија, обезбеди тесно мнозинство во шведскиот парламент Риксдаг.

Андерсон ќе ја предводи преодната влада до преземањето на следната администрација во скандинавската земја.

Таа најави и дека ќе продолжи да ги води социјалдемократите, нагласувајќи дека нејзината партија е подготвена да соработува со секој кој сака да биде дел од решението за проблемите со кои се соочува Шведска.

Улф Кристерсон, лидер на конзервативната Умерена партија, рече дека десничарскиот блок „го добил мандатот за промените што ги баравме“.

„Сега почнуваме да работамиме на формирање нова влада. Сакам да се здружиме, а не да се делиме“, објави Кристерсон на социјалните мрежи, заблагодарувајќи им се на гласачите за поддршката.

Според неофицијалните резултати од општите избори, десничарските партии освоиле 49,6 отсто од гласовите, а владејачката левичарска коалиција 48,9 отсто.

Според овие резултати, во парламент со 349 пратеници, десничарските партии би имале 176 пратеници, а левичарските партии 173.

Екстремно десничарските Шведски демократи (СД) станаа втората по големина партија во земјата, зголемувајќи го својот удел на гласови на 20,6 отсто.

TRT Balkan / агенции
Популарни