Егеде ја изрази желбаta за сопственост и контрола на Гренланд и зајакнување на соработката на Гренланд со другите земји / Photo: Reuters

Премиерот на Гренланд Муте Егеде во својот новогодишен говор уште еднаш ја изрази желбата на Гренланѓаните за независност од Данска, поранешниот колонијален владетел.

Во својот говор, Егеде ја изрази својата желба за сопственост и контрола на Гренланд и зајакнување на соработката на Гренланд со другите земји.

„Крајно време е ние самите да направиме чекор кон нашата иднина, и во однос на тоа со кого ќе соработуваме тесно и кои ќе бидат наши трговски партнери“, рече Егеде.

Движењето за независност доби на интензитет во Гренланд во последниве години, делумно поради откритијата за злоупотреби од данските власти во 20 век, вклучително и кампањата за принудна контрола на раѓањето што започна во 1960-тите.

Гренланд беше данска колонија до 1953 година, но сега е самоуправна територија на Данска и доби право да гласа за независност во 2009 година. Во 2023 година, владата на Гренланд го претстави првиот нацрт на уставот.

„Историјата и моменталната ситуација покажаа дека не успеавме да постигнеме целосна рамноправност во соработка со Кралството Данска. Сега е време нашата земја да го направи следниот чекор. Како и другите земји во светот, мора да работиме на отстрaнување на пречките за соработка, кои може да се опишат како окови на колонијализмот, и да тргнеме напред“, рече Егеде.

Тој додаде дека за независноста треба да одлучи народот на Гренланд, но не кажа кога би можело да се одржи гласањето. Иако мнозинството од 57.000 жители на Гренланд ја поддржуваат независноста, не сите се на исто мислење за тоа кога би било време да се преземе тој чекор и каков ефект би имал врз животниот стандард.

TRT Balkan / агенции
Популарни