Берзата се реновираше во моментот кога избувна пожарот / Photo: Reuters

Голем пожар избувна утринава во историската зграда на Старата берза на Данска во центарот на Копенхаген.

Зградата на Берзата, или Борсен, стара 400 години, беше целосно зафатена со пожар по 8 часот, а нејзиниот познат централен врв се урна во 8:30 часот, објавија локалните медиуми.

Полицајците ги опколија областите Книпелсбро и Кристијансборг Слотспладс, при што патиштата најверојатно ќе бидат затворени подолг временски период, според данскиот државен радиодифузер ДР.

„Ужасно е! Тоа беше една од најубавите градби во градот. Секој ден поминувам овде. Се повторува случајот со Нотр Дам“, изјави локалниот занаетчија Хенрик Грејџ за телевизијата, осврнувајќи се на пожарот во познатата париска катедрала во 2019 година.

Директорот на зградата Брајан Микелсен заедно со локалните жители им се придружија на службите за итни случаи во обид да ја спасат уметноста на Борсен.

„Се соочивме со страшна глетка. Берзата гори! Ги замолуваме сите да се држат настрана од областа околу Слотсхолмен“, објави данската Стопанска комора на социјалната мрежа Х, во чија сопственост е зградата.

Историската зграда се наоѓа веднаш до Парламентот на Данска, Фолкетинг и Кристијансборг, кралската палата.

Берзата, на која имаше шилец обликуван од преплетени опашки на четири змеја и три круни што ги симболизираат трите кралства Данска, Норвешка и Шведска, се реновираше во моментот кога избувна пожарот.

Зградата Борсен во Слотхолмен датира од 1625 година. Изградена е од кралот Кристијан IV и тоа е најстара зграда во Копенхаген.

AA
Популарни