Најмалку 110 луѓе загинаа, а 1.600 останаа без покрив над главата во шумските пожари во централниот чилеански регион Валпараисо, соопштија властите.
Алваро Хормазабал, директор на Националната служба за превенција и одговор при катастрофи, изјави во неделата дека во Чиле биле активни 161 пожар.
Ботаничката градина основана во 1931 година во градот Вина дел Мар е речиси целосно уништена од пожарите.
Властите повикаа илјадници луѓе да се евакуираат и воведоа полициски час во градовите најтешко погодени од пожарите за да се расчистат патиштата и да се овозможат спасувачките тимови да стигнат до погодените области. На социјалните мрежи кружат вознемирувачки слики од уништени куќи и стотина изгорени автомобили.
Повеќе од 200 луѓе се водат како исчезнати во и околу Вина дел Мар, популарен крајбрежен регион за туристите за време на летните одмори.
Чилеанскиот претседател Габриел Бориќ предупреди дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи големите пожари остануваат активни во Валпараисо, каде што пожарникарите се борат да стигнат до густо населените области зафатени со огромни пламени.
По посетата на погодените подрачја, Бориќ прогласи дводневна национална жалост за загинатите во пожарот. Претседателот рече дека силните ветрови им отежнуваат на пожарникарите да ги контролираат шумските пожари, кои веќе уништија 8.000 хектари шума и урбани области.
Пожарите избувнаа во време на високи температури во оваа јужноамериканска земја, поради временскиот феномен Ел Нино кој предизвика високи температури и шумски пожари во неколку земји од Латинска Америка, вклучувајќи ги Колумбија, Еквадор и Аргентина.