Претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Мајк Џонсон, беше исвиркан за време на посетата на Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Свиркањето започна во моментот кога Џонсон излезе на подиумот заедно со другите републикански колеги. Неговата посета имаше цел да ги осуди наводниот антисемитизам и пропалестинските протести што се во тек во кампусот од минатата недела.
Студентите повремено ги исвиркуваа и скандираа кон Џонсон и неговите колеги, извикувајќи слогани како „Слободна Палестина“, „Стоп за геноцидот“ и „Од река до море“, пренесе Вашингтон пост.
„Чуваните традиции на овој универзитет во моментов се преземени од радикални и екстремни идеологии. Тие ставаат цел на грбот на еврејските студенти во Соединетите Американски Држави, овде во овој кампус“, рече Џонсон.
Тој рече дека им се придружува на колегите во повикот до претседателката на Универзитетот Колумбија, Минуш Шафик, да поднесе оставка „доколку не може веднаш да воведе ред“.
„Како претседател на Домот денес се обврзувам Конгресот да не молчи бидејќи од еврејските студенти се очекува да бегаат и да останат дома, криејќи се во страв“, рече Џонсон.
Во едно интервју Џонсон ја опиша Шафик како „многу слаба“ и „неспособна“ лидерка.
Минатонеделната одлука на претседателката на Универзитетот Колумбија да побара од полицијата во Њујорк да уапси десетици демонстранти, поттикна поголем протест.
Протестите предводени од студентите, кои бараат од универзитетите да ја осудат израелската војна во Појасот Газа и да се дистанцираат од израелските компании, продолжија вчера, а нови шатори се поставени во многу кампуси.
Протести се одржаа во голем број универзитетски кампуси, вклучително Државниот политехнички универзитет во Калифорнија, Хумболт, Универзитетот Јеил, Универзитетот во Минесота - Твин цитис, колеџот Свартмор и Универзитетот во Питсбург во Пенсилванија, Универзитетот во Рочестер во Њујорк, Технолошкиот институт во Масачусетс, Универзитетот Тафтс, колеџот Емерсон во Масачусетс и Универзитетот Мичиген во Ен Арбор.