Линч беше еден од најпознатите технолошки инвеститори во Велика Британија / Photo: AA

Мајк Линч, британскиoт технолошки магнат, кој го поседуваше бродот што се преврте крај италијанскиот брег во понеделникот, е меѓу петте загинати лица, додека неговата 18-годишна ќерка се води како исчезната, објавија медиумите во четвртокот.

Подводниот робот за пребарување и нуркачите на италијанската крајбрежна стража го пронајде телото на Линч (59). Потрагата по неговата ќерка е во тек.

Во средата беа пронајдени телата на другите четири жртви кои исчезнаа кога бродот потона во Тиренското Море.

Линч беше еден од најпознатите технолошки инвеститори во Велика Британија. Тој ги покани пријателите да му се придружат на едрилица за да го прослават неговото неодамнешно ослободување во судењето за измама во САД.

Покрај Линч и неговата ќерка, починаа Џуди и Џонатан Блумер, еден од директорите на „Морган Стенли Интернешнл“, како и адвокатот на „Клифорд Ченс“, Крис Морвило и неговата сопруга Неда.

Петнаесет луѓе, меѓу кои и сопругата на Линч, успеаја да се спасат, но не и готвачот Рекалдо Томас, кој беше пронајден неколку часа по потонувањето.

Оваа несреќа ги збуни експертите за бродови кои сметаат дека оваа едрилица на италијанскиот бродоградител Перини требало да го издржи невремето.

Џовани Костантино, директор на италијанската поморска групација Италија Си Груп, во која е и Перини, рече дека „Бајесиан“ е еден од најбезбедните бродови во светот и дека практично не може да потоне.

Тој посочи дека потонувањето на јахтата можеби е предизвикано од серија човечки грешки, потенцирајќи дека невремето во понеделник било предвидено.

Обвинителите започнаа истрага за инцидентот, а сведоците, вклучително и капетанот на бродот, Џејмс Катфилд, се сослушани.

Точната причина за катастрофата допрва треба да се утврди.

„Бајесиан“, 56-метарската суперјахта под британско знаме, се преврте во понеделникот наутро поради обилните дождови и невремето на околу 20 километри источно од Палермо во јужна Италија, каде била усидрена.


TRT Balkan / агенции
Популарни