Пропалестинските групи одржаа демонстрации во Њујорк во знак на протест против израелскиот напад врз болницата Ал-Шифа во Газа.
Групите, меѓу кои имаше и здравствени работници и Евреи кои се противат на војната, се собраа во паркот Зукоти на Менхетен.
Тие носеа транспаренти со кои ги осудуваа израелските напади на Појасот Газа и извикуваа пароли: „Слободна Палестина“, „Газа повторно ќе се крене“ и „Крај на израелската окупација“.
Здравствената работничка Јасмин рече дека е ужасна ситуацијата кога гледате десетици илјади убиени во Појасот Газа и напади врз болниците и здравствените работници.
„Да се случеше ова со нашата болница, и јас бев еден од лекарите кои останаа со моите пациенти, да бев уапсена или убиена поради мојата работа, тоа би било неприфатливо“, рече Јасмин.
Меѓу демонстрантите беше и Сара.
„Згрозена сум што мојата земја придонесе за овие ужасни злосторства и убивањето невини луѓе“, порача Сара.
Марк смета дека она што се случува во Појасот Газа повеќе од пет месеци е неприфатливо.
„Тука сум да го поддржам палестинскиот народ и да повикам на прекин на огнот“, рече Марк.
За време на демонстрациите полицијата презеде интензивни безбедносни мерки. Групата се движеше кон подрачјето на Светскиот трговски центар, а потоа до Градското собрание на Њујорк.
За време на маршот полицијата приведе неколку демонстранти кои го блокираа патот и го попречуваа сообраќајот.
Израелската војска во понеделникот наутро објави дека нејзините сили упаднале во болницата Ал-Шифа, во која се сместени илјадници болни и ранети Палестинци, како и раселени лица.
Како што тогаш објави израелскиот јавен сервис КАН, околу 80 Палестинци биле приведени во објектот.
Израел, обвинет за геноцид, почна со напади врз Појасот Газа по 7 октомври минатата година и прекуграничниот напад на Хамас.
По тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Според Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.