Израелците денес организираа собири низ Израел барајќи итен договор за ослободување на заробениците што ги држи палестинската група Хамас во Појасот Газа.
Како што пишува „Тајмс од Израел“, демонстрантите од женските групи блокираа неколку раскрсници и улици низ Израел за да извршат притисок за договор за размена на затвореници со Хамас.
Во меѓувреме, други протестираа против влезот на хуманитарна помош во Појасот Газа.
Демонстрантите тврдат дека не смее да се дозволи хуманитарна помош додека не се ослободат Израелците кои ги држи Хамас.
Се верува дека Хамас држи 136 заробеници по нападот врз Израел на 7 октомври.
Оттогаш Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа, при што загинаа најмалку 25.700 Палестинци, а беа повредени околу 63.740.
Oфицијалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“.
Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година. Напорите за посредување на Египет, Катар и САД досега не успеаја да обезбедат ослободување на уште една група заробеници бидејќи Хамас бара прекин на смртоносната офанзива на Израел врз Газа.
Со договорот во ноември е ослободен 81 Израелец и 24 странци во замена за 240 Палестинци, меѓу кои 71 жена и 169 деца.