Борел се противи на идејата за целосна забрана за руски туристички визи

Шефот за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ) Жозеп Борел денеска се спротивстави на идејата за целосна забрана за руски туристички визи.

„Не е добра идеја да им се забрани на сите Руси да влезат во ЕУ од која било причина. Треба да бидеме поселективни”, рече Борел на дебатата за геополитика на Меѓународниот универзитет Менендез Пелајо во Мадрид.

Тој призна дека ЕУ била премногу попустлива со олигарсите во минатото, особено со тоа што им давала златни пасоши или визи во замена за инвестиции.

„Треба да ставиме забрана за соработниците со режимот на Путин во ЕУ. Но има многу Руси кои сакаат да ја напуштат својата земја затоа што не сакаат да живеат во Русија на Путин”, изјави Борел.

Шефот на европската дипломатија смета дека забраната за туристички визи предизвикува многу поделби. Тој ги критикуваше лидерите на ЕУ поради јавната дебата на оваа тема пред да се разговара зад затворени врати.

Според Борел околу 30 000 Руси веќе емигрирале поради војната во Украина.

Меѓу државите кои ја поддржаа идејата за забрана за туристички визи во ЕУ за сите Руси беа Естонија, Финска, Латвија, Данска, Норвешка, Полска и Литванија.

Германија се спротивстави на мерката. Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ до крајот на месецов се очекува да разговараат за забраната за туристички визи.

AA
Популарни