Германската полиција застрела осомничен за пукање во близина на израелскиот генерален конзулат во Минхен, објавија локалните медиуми.
Според весникот „Зиддојче цајтунг“, осомничениот бил застрелан пред Музејот на злосторствата на нацистичкиот режим, кој се наоѓа во близина на израелскиот генерален конзулат во центарот на градот.
Неколку очевидци изјавија дека осомничениот носел долга пушка и пукал кон зградата на музејот, но овие детали сѐ уште не се потврдени од надлежните.
„Полицајците пукаа во сомнително лице во областа Каролиненплац“, соопшти минхенската полиција во краткото соопштение објавено на социјалните мрежи, без да даде повеќе детали.
Реонот веднаш бил опколен од полицијата, а во областа превентивно се распоредени специјални полициски единици.