Путин ја поздрави енергетската соработка со Кина / Photo: AA

Рускиот претседател Владимир Путин денес ја поздрави енергетската соработка со Кина и ја истакна технолошката интеграција со втората по големина економија во светот.

„Додека светот се наоѓа на раб на нова технолошка револуција, ние сме подготвени постојано да ја зголемуваме и шириме нашата технолошка интеграција и да откриваме нова технологија за да го задржиме нашето водство. Треба да се погрижиме Русија и Кина да продолжат да ја водат економијата на утрешниот ден“, изјави Путин на Експо Кина-Русија во североисточниот кинески град Харбин.

Рускиот претседател е во дводневна државна посета на Кина. Тој ќе го посети и Технолошкиот институт Харбин познат како „Кинески МИТ“ и една од кинеските институции што е цел на американските санкции.

Нарекувајќи го Харбин „симбол на нашето партнерство“, Путин рече: „Нашиот стратегиски сојуз во сферата на енергијата стана важна основа за целиот глобален пазар на ресурси и ќе продолжи да се шири.“

„Додека ги извршуваме најамбициозните цели, Русија ќе продолжи да ѝ обезбедува на кинеската економија зелена, еколошка енергија, електрична енергија и други ресурси“, додаде тој.

Пофалувајќи ги растечките економски врски со Кина, Путин рече: „Со право може да бидеме горди на руско-кинеските економски врски и проектите за соработка.“

Тој, исто така, истакна дека годишната трговска размена меѓу Русија и Кина се зголемила над 240 милијарди долари минатата година.

„Овој вид обемна соработка помага за подобрување на економиите, создава нови индустрии и работни места и ги зголемува благосостојбата и просперитетот на нашите граѓани“, рече Путин.

Тој се сети на илјадниците советски трупи што го бранеа и штитеа Харбин од напаѓачите за време на Втората светска војна.

Путин нагласи дека индустриската соработка меѓу двете соседни земји е „во пораст“, а кинеските производители на автомобили, исто така, влегуваат на рускиот пазар.

AA
Популарни