Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот казахстански колега Касим-Жомарт Токаев разговараа за создавање „трилатерална унија за гас“ во која ќе биде вклучен и Узбекистан за транспорт на рускиот гас преку земјите од Централна Азија.
„За време на преговорите во Кремљ меѓу претседателите на Казахстан и Русија, беше разговарано за создавање „трилатерална унија за гас“ составена од Русија, Казахстан и Узбекистан со цел да се координираат акциите за транспорт на рускиот гас преку териториите на Казахстан и Узбекистан“, напиша прес-секретарот на казахстанското претседателство Руслан Желдибај во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Желдибај рече дека и двајцата лидери веруваат во неопходноста од „водење детални преговори, со учество на експерти од трите земји, за да се најде рационално решение за ова прашање, земајќи ги предвид интересите на сите страни“.
Токаев е во официјална посета на Москва, негова прва откако беше повторно избран за претседател со нов седумгодишен мандат минатата недела.
Путин и Токаев вчера се обратија на форумот за меѓурегионална соработка што се одржа во рускиот град Оренбург преку видео-конференција.
Путин рече дека Москва кон нови пазари го пренасочува својот извоз и увоз и истакна дека Русија останува еден од најголемите инвеститори во казахстанската економија, а обемот на капитални инвестиции изнесува речиси 17 милијарди долари.
Токаев рече дека Русија и Казахстан успеале да изградат „взаемно корисна економска соработка“, додавајќи дека обемот на трговијата меѓу двете земји достигнал „нов рекорд од 24,5 милијарди долари“.