Путин: Отворени сме за соработка со земјите што ги бранат своите интереси / Photo: AA

Рускиот претседател Владимир Путин денес порача дека Русија е отворена за продлабочување на соработката со сите држави што ги бранат своите национални интереси.

„Русија е отворена за продлабочување на рамноправното технолошко партнерство и воено-техничката соработка со другите држави, со сите што ги бранат своите национални интереси, нивниот независен пат на развој“, рече Путин во видеообраќањето на меѓународниот воено-технички форум „Армија-2023“ во Московската Област.

Путин истакна дека Русија го смета заедничкото градење на „еднаков неделив безбедносен систем“ како „фундаментално значајно“, предлагајќи развој на соработката во различни области, од обука на персоналот до спроведување заеднички командно-штабни и други вежби.

„И очекуваме дека како и досега, на маргините на форумот ќе се потпишат значајни договори и спогодби за извоз“, додаде рускиот претседател.

„Всушност, ние говориме за создавање нова независна научноинтензивна и високотехнолошка индустрија. И, секако, предлагаме да им се посвети внимание на иновативните и цивилните производи на нашите претпријатија од одбранбената индустрија. Тоа се чамците и хеликоптерите, амфибиите и дроновите за најширок опсег на примена“, рече Путин.

Тој нагласи дека Русија им нуди на своите партнери широк опсег на модерно оружје, меѓу кое и „најновите контролни системи, разузнавање, оружје со висока прецизност и роботика“.

Путин изрази надеж дека форумот ќе помогне во зајакнувањето на „военото и воено-техничкото партнерство во корист на безбедноста и стабилноста во новиот мултиполарен свет“.

Форумот, на кој стотина руски компании од воено-индустрискиот комплекс ќе ги претстават своите производи, ќе заврши во недела.

TRT Balkan / агенции
Популарни