Рускиот претседател Владимир Путин во петокот ја истакна важноста на односите со Иран за време на неговата прва средба со новиот претседател на Исламската република, Масуд Пезешкијан, во Ашхабат, Туркменистан.
Средбата беше на маргините на меѓународниот форум „Меѓусебната врска на времињата и цивилизациите- Основа на мирот и развојот“, на која беше одбележана 300-годишнината од ценетиот туркменски поет и филозоф Магтимгули Пирагија.
„Односите со Иран се приоритет за нас и тие напредуваат многу успешно“, рече Путин.
Тој напомена дека трговскиот промет меѓу двете земји годинава бележи раст, по падот минатата година и го истакна позитивниот целокупен тренд.
Путин го нагласи усогласувањето меѓу Русија и Иран за различни меѓународни прашања, посочувајќи дека и двете нации често споделуваат слични перспективи за глобалните настани.
Тој, исто така, му честиташе на Иран што стана полноправна членка на Шангајската организација за соработка и БРИКС и го покани Пезешкијан на претстојниот самит на БРИКС во Казан на 23-24 октомври, каде е планирана уште една билатерална средба.
Пезешкијан се согласи дека односите меѓу двата народи се подобруваат во културните, економските и социјалните домени и призна дека врховниот лидер на Иран го охрабрува зајакнувањето на овие врски.
„Нашите принципи и меѓународни позиции тесно се усогласуваат со вашите, и се надевам дека нашата земја наскоро ќе стане и полноправна членка на БРИКС“, додаде тој.
Пезешкијан беше избран за нов претседател на Иран во јули, откако неговиот претходник, Ебрахим Раиси, загина во хеликоптерска несреќа.
Во посебна изјава, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин накратко се сретнал и со пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари, при што двајцата лидери размениле покани да ги посетат нивните земји на официјални посети. Двајцата лидери се согласија да ги зајакнат билатералните врски во сите области.
Според Песков, Путин се сретнал и со Нуман Куртулмуш, претседател на Големото собрание на Туркије, при што тие „накратко размениле мислења во продолжение на разговорите што ги имавме неодамна во Москва“.
Путин рече дека со нетрпение ја очекува средбата со претседателот Реџеп Таип Ердоган на самитот на БРИКС во Казан на 22 и 24 октомври.
На 25 септември Путин и Куртулмуш се сретнаа во Москва како дел од официјалната посета на претседателот на турскиот парламент.