Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека Русија помогнала во евакуацијата на 4.000 „ирански борци“ од Сирија, каде што падна 61-годишниот режим на партијата Баас откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз главниот град Дамаск на почетокот на овој месец.
„Ако порано, на пример, нашите ирански пријатели бараа од нас да им помогнеме да ги префрлат своите единици на сириска територија, сега тие побараа од нас да ги повлечеме оттаму. Однесовме 4.000 ирански борци во Техеран. Од базата Хмејмим“, рече Путин за време на неговата годишна прес-конференција во Москва.
Рускиот претседател истакна дека околу 30.000 луѓе го бранеле Алепо кога 350 припадници на антирежимските групи се приближиле кон градот кон крајот на минатиот месец.
„Владините трупи, а заедно со нив и таканаречените проирански единици, се повлекоа без борба, ги разнесоа своите позиции и си заминаа“, рече тој.
Коментирајќи за тоа дали Русија ќе ги напушти своите бази во Сирија, Путин рече дека сè уште не го знае тоа.
„Ние самите треба да одлучиме како ќе се развиваат нашите односи со оние политички сили кои сега ја контролираат и ќе ја контролираат ситуацијата во оваа земја во иднина. Нашите интереси мора да се совпаднат“, рече тој.
Путин, исто така, ги понуди руските бази Хмејмим и Тартус за испорака на хуманитарна помош.
Рускиот претседател рече дека не разговарал со соборениот лидер на сирискиот режим Башар ал-Асад откако побегна и доби азил во Русија.