Путин: Во рамките на мобилизацијата се пријавиле 318.000 лица     Фото: АА / Photo: AA

Рускиот претседател Владимир Путин денеска соопшти дека во рамките на делумната воена мобилизација во Русија се регрутирани 318.000 лица, додека 49.000 од нив веќе се на борбени мисии во Украина.

Говорејќи на состанокот со волонтерите во Москва на настан во чест на Денот на единството, националниот празник на Русија кој се одбележува на 4 ноември, Путин рече дека бројката ги надминала планираните 300.000 бидејќи многу граѓани доброволно се пријавиле за воена служба.

„Веќе имаме 318.000 [мобилизирани лица]... Затоа што доаѓаат волонтери“, рече Путин.

Рускиот претседател вети дека државата ќе ја обезбеди сета потребна поддршка на семејствата на лицата кои учествуваат во „специјалната воена операција“ на Русија.

На прашањето за евакуацијата од украинскиот град Херсон, Путин рече дека местото се наоѓа премногу блиску до зоната на борби и дека на цивилите им било кажано да ја напуштат областа за да се избегнат жртви.

Тој, исто така, нагласи дека руските власти работат на олеснување на процедурата за издавање документи на украинските бегалци кои бегаат во Русија.

„Ние носиме одлуки што ќе овозможат да ги добиеме овие документи на поедноставен начин. И ќе го подобриме тоа. Дефинитивно ќе работиме на тоа“, рече Путин.

Од 21 септември до 28 октомври Русија спроведе делумна воена мобилизација, во рамките на која во Армијата беа ангажирани 300.000 регрути.

Минатата недела рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, истакна дека делумната воена мобилизација е завршена, а во понеделникот, и портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, соопшти дека сите активности за мобилизација се завршени, односно дека воените комесаријати престанале да издаваат и испраќаат известувања за мобилизација и се вратиле на рутинската работа.

TRT Balkan / агенции
Популарни