Албанскиот премиер Еди Рама во рамките на Светскиот економски форум во Давос, учествуваше на панел дискусија за заканите за кибер безбедноста.
Говорејќи пред присутните, тој се осврна на кибер нападот од Иран кој Албанија го доживеа минатата година.
„Сè уште сме на удар, практично од ден на ден. Некако благословот на технологијата не натера да ја видиме другата страна која е проклетството на технологијата“, рече Рама, кој истакна дека Албанија успеала да избегне целосно исчезнување на системите што ги има и практично да избегне губење на податоци.
„Отпорот кон агресорите беше добар“, додаде Рама.
„Врз основа на извештајот, кој беше целосно автономен и независен од албанската влада, беше јасно дека сторителите на нападот имаа крајна цел целосно да ги избришат нашите системи и да не вратат во ерата на хартијата, во каменото доба“, нагласи Рама.
Меѓу другото, тој рече дека „ако кибер криминалот беше држава, таа ќе беше трета по големина економија во светот по САД и Кина.“
Инаку, Рама нагласи дека Албанија во последните 6-7 години успеала да стане земја со 95 отсто од јавните услуги целосно онлајн.
За потсетување, во јули и септември 2022 година, албанските власти потврдија дека бил извршен масовен кибер напад врз Албанија. Според властите, „кибер агресијата била оркестрирана и спонзорирана од Иран“.
Во септември минатата година Албанија одлучи да ги прекине дипломатските односи со Иран како „одговор на кибер нападот врз дигиталната инфраструктура на Владата на Албанија“.