Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса изјави дека мнозинството од народот на неговата земја, како и владата и владејачката партија Африкански национален конгрес ја поддржуваат борбата на палестинскиот народ за слобода.
„Ние одиме по стапките на Нелсон Мандела, кој ни рече и не научи дека...нашата слобода нема да биде целосна додека и слободата на Палестинците исто така не се постигне“, им рече Рамафоса на навивачите на натпреварот „Фудбал за човештвото“ меѓу Палестина и Јужна Африка во Кејп Таун во неделата.
Рамафоса рече дека Јужноафриканската Република не може да се смета за целосно слободна доколку Палестина не постигне слобода.
„Значи, ние, исто така, не сме целосно слободни додека Палестинците не се ослободат... ние ќе застанеме покрај нив и ќе се бориме со нив и затоа отидовме до Меѓународниот суд на правдата“, рече тој меѓу гласните овации од навивачите на стадионот Атлон во Кејп Таун.
Јужноафриканската Република беше домаќин на репрезентацијата на Палестина во Кејп Таун за натпреварот „Фудбал за човештвото“, која му се спротивстави на локален тим од Западен Кејп. Натпреварот заврши со победа 1:0 на домаќините.
Следниот солидарен натпревар насловен „Куп на слободата“ ќе се одржи на истото место на 18 февруари.
Фудбалерите на Палестина им се заблагодарија на Јужноафриканците што ја поддржаа нивната ослободителна борба и им беа домаќини на пријателскиот натпревар.
„Благодарам на Јужноафриканската република, претседателот и луѓето. Многу сме среќни за поддршката за Палестина“, изјави Мусаб Ал Батат, капитенот на тимот, во краткото интервју за Анадолу.
ЈАР кон крајот на 2023 поднесе тужба до МСП во Хаг, обвинувајќи го Израел дека не ги исполнил своите обврски според Конвенцијата за геноцид од 1948 година.
Во својата привремена пресуда во јануари, највисокиот суд на ОН ги оцени тврдењата на Јужна Африка за веродостојни.
Тој ѝ нареди на владата на Израел да престане со геноцидните дејствија и да преземе чекори за да се осигура дека цивилите во Газа добиваат хуманитарна помош.