Во украински воздушен напад со дрон врз рускиот пограничен град Белгород загинаа шест луѓе, а уште 35 се повредени.
Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на Телеграм изјави дека два автобуса и патнички автомобил што превезувале луѓе на работа биле нападнати со беспилотни летала во близина на селото Березовка во областа Борисовски во регионот.
„За жал, како резултат на експлозијата, шест лица загинаа на лице место... Изразувам искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите жители“, рече Гладков.
Понатаму тој рече дека се повредени 35 лица, меѓу кои две деца со „површни повреди“ и маж со продорна абдоминална рана на кој му е извршена операција.
Oстанатите, кои се здобиле со рани од шрапнели со различна тежина, со брза помош се пренесени во регионалните медицински установи.
Во меѓувреме украинските власти известија за нов руски напад врз енергетските постројки, овој пат во североисточниот регион Суми е оштетен високонапонски електроенергетски објект.
Според украинската енергетска компанија Укренерго работата за итно враќање во функација на објектот започнала веднаш по нападот, и во тек се напори за обновување на снабдувањето со електрична енергија на потрошувачите.
Командантот на воздухопловните сили на Украина, Микола Олешчук, на Телеграм рече дека воздушната одбрана на земјата соборила 12 од 13 беспилотни летала лансирани од Русија над регионот Суми.