Речиси 9.000 украински војници се убиени во судирот со Русија, рече шефот на украинските вооружени сили.
Билансот кој го изнесе генералот Валериј Залужњи е прв кој го даде украинскиот воен врв од почетокот на руските напади од 24 февруари оваа година.
Залужњи, главниот командант на украинските вооружени сили, на прес-конференција одржана во чест на воените ветерани и семејства на загинатите, изјави дека на децата им е потребна заштита во неколку делови на земјата, вклучувајќи го главниот град Киев.
„Тие навистина не разбираат ништо што се случува и дефинитивно им е потребна заштита…бидејќи нивниот татко замина на фронт и веројатно е меѓу речиси 9.000 убиени херои“, рече Залужњи.
Тој не наведе детали и не рече дали бројката која ја наведе го вклучува целиот воен персонал загинат во акција, како што се граничните стражари.
Губитоци трпат двете страни
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на конференцијата рече дека близу милион луѓе ја бранат Украина како дел од украинските вооружени сили или другите служби.
Залужњи не кажа колку цивили се убиени ниту колку се убиени руски војници, но Генералштабот на украинските вооружени сили проценува дека бројот на загинатите руски војници изнесува 45.400.
Русија не објави колку нејзини војници се загинати
Претрпените губитоци не се потврдени од двете страни во, како што вели Русија, „специјалната воена операција“ за демилитаризација на својот помал сосед и заштита на заедниците кои говорат руски јазик.