Романскиот претседател Клаус Јоханис се повлече од трката за следен генерален секретар на НАТО, оставајќи го холандскиот премиер во заминување Марк Руте од октомври да биде на чело на најголемата воена организација во светот.
Од Кабинетот на претседателот Клаус Јоханис е соопштено дека Советот за безбедност на Романија ја поддржал кандидатурата на Руте. Исто така, се наведува дека Јоханис го известил НАТО кон крајот на минатата недела дека има намера да се повлече.
Неговото повлекување ја отстранува последната вистинска пречка со која се соочува Руте. Ова треба да му овозможи на НАТО да покаже единство и да покаже солидарност со Украина разурната од војна, кога американскиот претседател Џо Бајден и неговите колеги ќе се состанат во Вашингтон од 9 до 11 јули по повод 75. роденден на НАТО.
Во вторникот Унгарија го укина ветото за кандидатурата на Руте откако долгогодишниот холандски премиер даде писмени гаранции дека нема да ја принудува Будимпешта да учествува во новите планови на воената алијанса за давање поддршка на Украина доколку тој биде назначен.