Од 2018 година, ова е трета жалба на Репортери без граници до обвинителот на МКС за воени злосторства против палестинските новинари во Газа / Photo: AA

Репортери без граници (РСФ) во средата соопштија дека до Меѓународниот кривичен суд поднеле жалба за воени злосторства извршени против новинари во Газа.

„Овие репортери беа жртви на напади, кои во најмала рака се воени злосторства и што ја оправдуваат истрагата на обвинителот на МКС“, се вели во соопштението.

Жалбата на Репортери без граници, која во вторникот била поднесена до канцеларијата на обвинителот на МКС, ги детализира случаите на деветмина новинари убиени во Газа од 7. октомври, и уште двајца кои беа повредени во текот на нивната работа.

Наведено е и дека во израелските напади „намерно, целосно или делумно“ се уништени просториите на повеќе од 50 медиуми во Газа.

Според Репортери без граници, од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас убиени се вкупно 34 новинари, од кои најмалку 12 биле убиени додека известувале, десет во Газа, еден во Израел и еден во Либан.

„Со големината, сериозноста и повторливиот карактер на меѓународните злосторства насочени кон новинарите, особено во Газа, бараме приоритетна истрага од страна на обвинителот на МКС. На ова повикуваме од 2018 година. Актуелните трагични настани ја покажуваат екстремната итност од потребата за акција на МКС“, рече генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делоар.

Од 2018 година, ова е трета жалба на Репортери без граници до обвинителот на МКС за воени злосторства против палестинските новинари во Газа.

Првата беше поднесена во мај 2018 година за новинари убиени или повредени за време на протестите на „Големиот марш на враќање“ во Газа.

Втората беше поднесена во мај 2021 година по израелските воздушни напади врз повеќе од 20 медиуми во Појасот Газа.

Репортери без граници, исто така, ја поддржа жалбата поднесена од Ал Џезира за убиството на палестинската новинарка Ширин Абу Аклех на Западниот Брег во мај 2022 година.


AA
Популарни