Кремљ денес соопшти дека Русија одлучно ги отфрла наводите дека Москва се мешала во парламентарните избори одржани во соседна Грузија во текот на викендот, јавува Анадолу.
„Одлучно ги отфрламе ваквите обвинувања. Ова стана стандард за многу земји и, за најмала работа, тие веднаш ја обвинуваат Русија за мешање. Не, тоа не е точно, немаше мешање и обвинувањата се апсолутно неосновани“, изјави за новинарите во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Наведувајќи дека се прават обиди за дестабилизација на ситуацијата во Грузија, Песков рече дека таквите обиди се „видливи со голо око, но (не) од Русија“.
„Голем број сили од европските земји, од различни европски институции се обидоа да влијаат врз исходот од гласањето. Никој не се криеше, тоа беа јавни изјави“, рече тој.
Песков додаде дека Русија не се меша во внатрешните работи на Грузија и нема намера да го прави тоа.
За време на говорот во Тбилиси доцна синоќа, грузиската претседателка Саломе Зурабичвили објави дека не ги признава резултатите од парламентарните избори во земјата, тврдејќи дека тие биле сведоци на „руска специјална операција“.
„Како последна независна институција во оваа земја, мора јасно да кажам дека не ги признавам овие избори. Нивното признавање би било еднакво на легитимирање на руското преземање на Грузија“, рече Зурабичвили.
ЕУ и САД повикаа на истрага за гласањето поради наводите за изборни нерегуларности.
Грузиската владејачка партија Грузиски сон освои околу 54 отсто од гласовите на саботните парламентарни избори, според изборната власт во земјата, а најблиските конкуренти на Грузиски сон - Коалицијата за промени и единство доби 10,9 отсто од гласовите и Националното движење 10,1 отсто од гласовите.
Опозициските партии ги отфрлија изборните резултати, а Коалицијата за промени ги нарече „украдени избори и уставен удар“.
Претставниците на Грузиски сон ги поздравија изборните резултати, вклучително и премиерот Иракли Кобахиџе и почесниот претседател на партијата Бидзин Иванишвили.