Рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ќе разговараат во Русија на 17 јануари, по што ќе го потпишат долгоочекуваниот договор за сеопфатно стратешко партнерство, објави во понеделникот Кремљ.
Двајцата лидери ќе разговараат за можностите за натамошно проширување на врските меѓу Москва и Техеран, вклучувајќи трговија и инвестиции, транспорт и логистика и хуманитарни прашања, соопшти Кремљ.
Путин и Пезешкијан ќе разговараат и за регионални и меѓународни прашања, се додава.
Од почетокот на војната во Украина, Русија негува поблиски врски со Иран и други земји непријателски настроени кон САД, како што е Северна Кореја.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во октомври изјави дека Москва и Техеран имаат намера да потпишат сојуз за стратешко партнерство што ќе вклучи поблиска одбранбена соработка.
Соединетите Држави го обвинија Техеран во септември дека ѝ доставува балистички ракети со краток дострел на Русија за употреба против Украина и воведоа санкции за бродови и компании за кои рече дека се вклучени во снабдувањето со иранско оружје.
Техеран негира дека ја снабдува Москва со проектили.