Русија денес ја укина акредитацијата на шестмина британски дипломати во Москва поради наводи за шпионажа.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека дошла до документи кои потврдуваат дека Дирекцијата за Источна Европа и Централна Азија на британското Министерство за надворешни работи ја извршила својата главна задача „да ѝ нанесе стратешки пораз“ на Русија.
ФСБ истакна и дека по почетокот на руската „специјална воена операција“ во Украина во 2022 година, директоратот бил трансформиран „во специјална служба“, која работи против Русија.
„Откриените факти даваат основа активностите на британските дипломати испратени во Москва преку Дирекцијата да се сметаат за закана за безбедноста на Руската Федерација“, се наведува и се додава:
„Врз основа на документите обезбедени од ФСБ на Русија, и како одговор на бројните непријателски чекори на Лондон, руското Министерство за надворешни работи, во соработка со заинтересираните ресори, ја прекина акредитацијата на шестмина вработени во политичкиот оддел на британската Амбасада во Москва, во чии активности се пронајдени знаци на разузнавачка и субверзивна работа“, се вели во соопштението.
ФСБ предупреди на понатамошни активности доколку се откријат слични дејства на вработени во британската дипломатска мисија.
Повлекувањето на акредитациите значи дека дипломатите немаат официјална основа да останат во Русија и дека мора да ја напуштат земјата.
Разузнавачката служба објави и фотографија од сите шест лица, што е необичен потег.
Според јавувањата на медиумите, Русија ги прогласила за персона нон грата Џесика Девенпорт, Калум Ендрју Даф, Грејс Алвин, Кетрин Мекдонел, Блејк Патил и Томас Стивеннет.