Русија минатата недела го погодила Киев со хиперсоничната ракета „Циркон“, што е прва негова употреба во речиси двегодишната војна и претставува нов предизвик за воздушната одбрана на Украина, изјави во понеделникот директорот на истражувачки институт во Киев.
Олександар Рувин, директор на Киевскиот научно-истражувачки институт за форензички испитувања, објави на Телеграм дека институтот ја завршил прелиминарната анализа на фрагменти од проектили од рускиот напад на 7 февруари.
Тој прикачи видео од наводните остатоци од проектилот со специфични ознаки.
„Овде можеме да видиме елементи карактеристични за ракетата 3M22 Циркон. Фрагменти од моторот и контролните механизми носат специфични ознаки“, објасни тој.
Руското Министерство за одбрана сè уште не ги коментирало наводите на Киев.
Циркон има домет од 1.000 километри и патува девет пати побрзо од звукот, според руските власти. Воените аналитичари предупредуваат дека неговата хиперсонична брзина би можела значително да го намали времето на реакција на противвоздушната одбрана, како и да го зголеми ефектот на нападите на пошироки, подлабоки и специјално утврдени цели.
Во јуни 2020 година, руски извори објавија дека тестирањето на Циркон е завршено, а претседателот Владимир Путин го пофали како дел од новата генерација неспоредливи системи за оружје.
Доколку официјално се потврди неговата употреба во Украина, ова оружје би можело да претставува дополнителен предизвик за украинските противвоздушни сили, откако идната воена помош од Запад веќе е доведена во прашање.
Русија спроведува редовни воздушни напади врз Украина користејќи различни ракети со долг дострел и беспилотни летала. Циркон првично беше дизајниран како оружје од море, а подоцна беше развиена верзија за лансирање на копно.
Во нападот на 7 февруари загинаа најмалку пет лица, а оштетени се станбени згради и енергетска инфраструктура, соопштија украинските власти.