Калас повика Русија да биде изолирана од слободниот свет и се залагаше за забрана на издавање визи за руските граѓани во цела ЕУ / Photo: Reuters

Руското министерство за внатрешни работи во вторникот распиша потерница против премиерката на Естонија Каја Калас и неколку високи функционери на Балтикот поради прекршување на Кривичниот законик на Русија.

Освен Калас, на листата на барани лица од руското МВР се државниот секретар на Естонија Таимар Петеркоп, како и литванскиот министер за култура Симонас Кајрис, летонскиот министер за правда Инезе Либина-Егнере и летонскиот министер за финансии Арвилс Асераденс.

„Тоа се луѓето кои се одговорни за одлуките, кои всушност претставуваат навреда против историските сеќавања со отстранување на спомениците од советската ера и непријателските ставови кон Русија“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на брифингот со новинарите како реакција на одлуката.

Калас повика Русија да биде изолирана од слободниот свет, го поддржа рушењето на советските споменици, а исто така се залагаше за забрана на издавање визи за руските граѓани во цела ЕУ.

Таа нагласи дека е подготвена да го промени Уставот на Естонија за на Русите и Белорусите да им се одземе правото да учествуваат на избори.

Реагираше и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„На злосторствата чија цел е да се уништи споменот на ослободителите на светот од нацизмот и фашизмот мора да се одговори. И ова е само почеток“, напиша таа на Телеграм.

TRT Balkan / агенции
Популарни