Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден и кралот на Јордан, Абдула Втори, ја потврдија својата посветеност да работат заедно за трајно ставање крај на кризата во Појасот Газа, известија од Белата куќа.
Бајден и кралот Абдула Втори се состанаа во Белата куќа за да разговараат за најновите случувања во Газа и „и двајцата остануваат посветени на постигнување траен мир што ќе вклучи решение за две држави, мир за палестинскиот народ и загарантирана безбедност за Израел“, се вели во соопштението.
„Претседателот Бајден и кралот Абдула Втори ја повторија заедничката посветеност да овозможат зголемена и континуирана испорака на хуманитарна помош за палестинските цивили во Газа. Претседателот Бајден му се заблагодари на неговото височество за критичкото лидерство и партнерството на Јордан во овој напор“, се додава.
Бајден и јорданскиот крал размениле мислења и за важноста на стабилноста на Западниот Брег и пошироко.
Лидерите, исто така, ја потврдија својата посветеност да работат заедно за да се постигне „постабилна и попросперитетна“ иднина за Блискиот Исток.