Американскиот Стејт департмент објави дека не се задоволни од прифаќањето на резолуцијата во израелскиот Парламент што е против формирање палестинска држава.
Заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, на дневниот брифинг рече дека не може директно да зборува за резолуцијата на израелскиот Парламент.
„Соединетите Американски Држави се решени да изградат мир и за Израелците и за Палестинците“, рече тој.
Пател наведе дека веруваат оти тоа ќе се постигне преку решение за две држави.
Кога новинарите кажаа дека последната резолуција на израелскиот Парламент е против решението за две држави, Пател рече дека тоа не е правилен чекор.
„Може да кажеме дека не сме многу задоволни од резолуцијата“, додаде тој.
Во резолуцијата усвоена од Кнесетот се наведува дека формирањето палестинска држава во срцето на Израел ќе претставува егзистенцијална закана за државата Израел и нејзините граѓани, ќе го продлабочи израелско-палестинскиот конфликт и ќе го дестабилизира регионот.
Гласањето се случи пред премиерот Бенјамин Нетанјаху да отпатува за Вашингтон во недела за да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и да се обрати во Конгресот.
Во февруари Кнесетот гласаше за еднострано отфрлање на признавањето на палестинската држава.