Во конфликтот загинаа најмалку 560 Палестинци и над 800 Израелци / Photo: AA

САД во понеделникот соопштија дека девет Американци загинале за време на тековните непријателства во Израел и окупираните палестински територии.

„Во овој момент, можеме да ја потврдиме смртта на девет американски граѓани. Упатуваме најдлабоко сочувство до жртвите и на семејствата на сите погодени, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, изјави за Анадолу портпаролот на Советот за национална безбедност.

„Продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата и остануваме во контакт со нашите израелски партнери, особено со локалните власти“, додаде портпаролот.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, пак, дополнително потврди дека има „исчезнати, односно државјани на САД кои не се пријавиле во амбасадата, а ние работиме со нашите израелски партнери за да утврдиме каде се наоѓаат“.

Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел рано во саботата, истрелувајќи низа ракети и инфилтрирајќи го Израел по копно, воздух и море.

Се наведува дека ненадејниот напад бил одговор на упадот во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ерусалим и зголеменото насилство на доселениците врз Палестинците.

Како одмазда, израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ против Хамас во Појасот Газа, при што загинаа најмалку 560 Палестинци, а беа повредени најмалку 2.900 други.

Според израелското Министерство за здравство, во борбите се убиени најмалку 800 Израелци, а над 2.300 други се ранети.

AA
Популарни