За усвојување на резолуцијата не смее ниту една од петте постојани членки на СБОН-Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција да биде „против“ / Photo: AA

САД ставија вето на нацрт-резолуцијата во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), со која се бара полноправно членство на Палестина во Обединетите нации.

Нацрт-резолуцијата, со која се бара полноправно членство на Палестина во ОН, Алжир ја стави на гласање пред 15-члениот Совет за безбедност на ОН.

Нацрт-резолуцијата, за која САД беше „против“, доби 12 гласа „за“ и два гласа „воздржан“.

Велика Британија и Швајцарија беа „воздржани“, а Русија, Кина, Франција, Алжир, Малта, Еквадор, Гвајана, Словенија, Сиера Леоне, Мозамбик, Јужна Кореја и Јапонија гласаа „за“.

За усвојување на резолуцијата не смее ниту една од петте постојани членки да биде „против“, а потребни се вкупно девет гласа „за“. Постојани членки на СБОН се Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција.

Во текстот на нацрт-резолуцијата „се препорачува Палестина да биде прифатена како полноправна членка на Генералното собрание на ОН“.

Палестина поднесе барање за полноправно членство во ОН во 2011 година, но оваа апликација не ја доби потребната поддршка во Советот за безбедност на ОН. Палестина доби „статус набљудувач“ во 2012 година.

На 2 април претставникот на Палестина во ОН, Ријад Мансур, пратил писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и побарал повторно да се разгледа барањето за членство во ОН.

Гутереш на 3 април напиша писмо до Советот за безбедност на ОН, повикувајќи барањето на Палестина да се стави на дневен ред.

AA
Популарни