Членките на Г7 го повикаа Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници без предуслови / Photo: AA

Лидерите на земјите од Групата 7 (Г7) изјавија дека е потребна поитна акција за да се најде решение за влошената хуманитарна криза во Појасот Газа и да се намали бројот на цивилни жртви, јавува Анадолу.

На онлајн самитот на лидерите на Г7, чиј домаќин е Јапонија, се разговараше за актуелни прашања, вклучително и за Појасот Газа и руско-украинската криза.

Во заедничката изјава објавена на крајот на самитот беше наведено дека во однос на кризата на Блискиот Исток, „потребна е поитна акција за да се најде решение за влошената хуманитарна криза во Газа и да се минимизираат цивилните жртви“.

Во декларацијата се наведува дека тие поддржуваат „повеќе хуманитарни акции“ во обезбедувањето помош за регионот и се повикува Хамас „веднаш да ги ослободи сите заложници без предуслови“.

Со цел да се намалат изворите на приходи на Русија, која продолжува со нападите врз Украина, беше одлучено од следниот месец да се воведат ограничувања за увоз на руски дијаманти.

Се истакнува дека Г7 „ќе го ограничи капацитетот на Русија да ја финансира нејзината нелегална војна со преземање чекори што ќе ги ограничат нејзините енергетски приходи и идните екстрактивни капацитети“.

Соопштено е дека ќе се воведат ограничувања за увоз на „неиндустриски дијаманти ископани, преработени или произведени во Русија“, а постепено ќе се ограничува увозот на руски дијаманти преработени во трети земји.

Во својот говор на самитот, јапонскиот премиер Кишида Фумио најави дека неговата земја ќе обезбеди 4,5 милијарди долари финансиска поддршка за обновата на Украина.

Според јапонската новинска агенција Кјодо, украинскиот претседател Владимир Зеленски, говорејќи на онлајн самитот, го повторил својот повик до неговите колеги од Г7 да продолжат да ѝ помагаат на Украина.

AA
Популарни