Шпанија официјално ќе ја признае палестинската државност на 28 мај, изјави денеска премиерот на земјата Педро Санчез во шпанскиот Парламент.
Најавата стигна отприлика во исто време кога ирските и норвешките лидери објавија дека ќе го сторат истото тоа.
Санчез рече дека разговарал со лидерите и ја проучувал ситуацијата во Палестина и дека јасно разбира една работа, а тоа е дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема мировен проект за Палестина.
Тој додаде дека израелскиот лидер одбива да ја слуша меѓународната заедница додека продолжува да ја бомбардира цивилната инфраструктура и очајнички да ја блокира потребната помош.
„Борбата против Хамас е неопходна по 7 октомври. Но, Нетанјаху предизвикува толку многу болка и страдање во Газа што решението за две држави е во сериозна опасност“, рече тој.
Санчез додаде дека Шпанија нема да дозволи израелската офанзива на Газа да го уништи единственото праведно решение за блискоисточната криза.
Тој рече дека признавањето на Палестина не е крај, туку само почеток и дека Шпанија ќе продолжи да врши притисок врз меѓународната заедница да преземе акција.
Санчез исто така најави дека Шпанија ќе прими околу 30 деца од Газа кои боледуваат од рак или други сериозни болести.